Сакаме да изразиме револт и големо разочарување од страна на македонските општини и градоначалници кои упорно ангажираат странски изведувачи за настаните кои ги прават низ годината, а посебно во летните периоди.

Изминатиов период се информиравме и се трудиме на правен начин да ја регулираме оваа непожелна ситуација со која се одлеваат народни пари надвор од државата и реагиравме кај неколку градоначалници директно, но одговорот беше дека голем дел од средствата ги даваат спонзори.

Дури и да е така, иако знаеме дека општините си ги организираат тие настани и нивни се желбите за викање на балкански пејачи, прво зошто да се одлеваат парите на наши фирми надвор, а второ, небулоза е да се викаат Северина, Пејовиќ, Реља, Розга итн… да пеат на наши национални настани поврзани со македонска традиција-тврди Горјан Стојановски, прв човек на Комората на музичката индустрија во Македонија.

Во отворена реакција, Стојановски реагира дека регионалните музичари не доаѓаат на хуманитарни концерти, добиваат десетпати повисоки хонорари од нашите изведувачи, и обвинува дека градоначалници се фотографираат со странски пејачки, прикажувајќи го тоа како голем успех, наместо да ја поддржат нашата естрада.

Тие не доаѓаат кога се прават хуманитарни настани, ниту ја презентираат нашата музика и држава кога е потребно, што значи дека нашата држава спонзорира, финансира и вреднува странски музичари многу повеќе од наши.

Поразувачки и понижувачки е кога од општина ќе побараат македонски изведувач за одреден настан и по кажаната сума за ангажман ќе им речат дека немаме толуку пари, за по некое време да видите реклама како ангажирале некој балкански пејач за десет пати поголема сума.

Проблемот дополнително се шири и на други полиња. Тука се приватните локали кои работат со таков тип на балкански забави и на кои им е оправдано да си викаат какви сакаат пејачи, бидејќи се приватни фирми. Ако се размисли подобро, небулоза е исто така дека тие фирми плаќаат данок од кој се финансирани општините, за потоа градоначалникот да си прави настан со тие пари за собирање на политички поени и сето тоа да е гратис” за народот.

Во денешно време, ај што не постои нешто што е гратис без да се има некаква корист, туку дополнително се прави проблем на луѓето кои те финансираат.
Потоа покрај приватните локали тука се и менаџерските куќи кои работат со концерти низ годината на кои дополнително им се отежнува работата за да наплатат карта кога овие со државните пари прават „гратис општонародно весеље“.

Страшно, субвенционирање на балкански пејачи, искомлексирани градоначалничиња што сакаат да се сликаат со пејачки за да се фалат како да постигнале некаков успех… мизерија!

Комората е постојано во барање начин за подобро функционирање и за овие неполни две години постоење организиравме настани и направивме средби од кои се надеваме дека за брзо време ќе ги имаме очекуваните резултати во корист на естрадата, наведува Стојановски во отворената реакција.

Инаку, Комората на музичката индустрија во Македонија е формирана пред околу две години по иницијатива на шесте музички здруженија од различни региони во кои членуваа повеќе од 2.000 музичари, а основана е со педесетина правни субјекти според Законот за формирање стопански комори.

Во неа членуваат голем дел од познати музички имиња како Елена Ристевска, која е потпретседател на Комората, Дани Димитровска, Пепи Ренџов, Тамара Тодеска, Каан Мазхар, Елена Велевска, Ламбе Алабаковски, Горила Продукција, Урбан Рекордс и други.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.