Итно да се истражи, открие и најстрого казни сторителот кој од чиста забава и во повеќе наврати со самострел нишани и застрелува мирни маалски животни, мачиња и кучиња, во Хиподром, во околина на детската градинка „Пони“, основно училиште „Вера Јоциќ“ и детските игралишта кои се полни со деца, пред кои и се застрелани нивните маалски миленици, реагираат од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, споделувајќи фотографии од застреланите животни.

Ова е кутре Нуну, локален миленик, мирна да помирна нема, куче кое децата го обожуваат – изложено на болка и страотно страдање; за среќа сакано и веднаш му е укажана ветеринарна помош. На мачките е стрелано при што се предизвикани и многу посериозни рани, а во еден случај луѓето не успеале да го фатат застреланото и преплашено животно, кое останало со метална стрела во телото. Граѓани се преплашени, гневни, пријавиле во полициската станица Автокоманда и бараат поддршка. Информациите кои бараме да бидат проверени е дека 18 – 19 годишно момче од населбата е видено со ваков вид самострел и посочено како можен сторител. Поединци ни посочуваат дека бил агресивен и во рамки на семејството, велат од „Анима мунди“.

Додека насилството врз животните не се препознава и третира како сериозна психосоцијална девијација и опасност по сите, додека не се превземат најстроги мерки , додека во државни рамки не се промовира соживотот помеѓу човекот и другите живи битија, хуманоста и емпатијата не се поттикнуваат и учат од мали, а ваквите случаи ќе бидат се позачестени и ќе ескалираат многу пошироко. Во случајов секое дете, жител на населбата, случаен минувач е потенцијална жртва на некој кој има без двоумење психосоцијален проблем, решил да се изживува, се осмелил да пука во живи мети и делото го повторува веќе најмалку 5 пати во една седмица!
Повикуваме на итно постапување на службите на МВР , сериозна истрага; постапување на училишните и други служби од доменот на менталното здравје доколку е точно тврдењето дека делото го прави момче од 18/19 години кое од далечина стрела и ужива во болката која ја нанесува и очигледно нема намера да запре, велат од здружението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.