Полициски службеници на Министерството за внатрешни работи, заедно со припадници на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи, ноќеска извршија засилена акциска контрола во угостителски објекти на подрачјето на Кочани по однос на прекршувања на законските одредби од повеќе закони – Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за угостителска дејност, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и други нормативи во ингеренции на овие институции.
Како резултат на тие активности, меѓу другото, откриени се 39 лица кои биле во угостителските објекти без поседување на ковид-сертификат, а кај две лица откриени се лажни ковид-сертификати. Затекнати се и 26 малолетници по полноќ, евидентирани се прекршоци по основ на Законот за пушење, а во еден случај и согласно Законот за оружје, бидејќи кај едно малолетно лице бил пронајден нож – велат од полицијата.
Воедно, три угостителски објекти се затворени, односно запечатени од страна на ДПИ, поради евидентирани три кривични дела – две по член 378 („фалсификување исправа“) и едно по член 204 („точење алкохол на малолетно лице“), а регистрирани се и 36 прекршоци по разни основи од доменот на работа на ДПИ, ДТИ и УЈП.Исто така, од страна на полициските службници евидентирани се 39 прекршоци по основ на ЗЗНЗБ, 43 прекршоци по основ на ЗППЈРМ, три по основ на Закон за лична карта, како и 23 прекршоци по однос на ЗБСП, додека пак, 31 лице е приведенo.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.