Пензионерот од Неготино кој го изгуби животот на автопатот кон Скопје, настрадал кога пензионерите застанале на пауза одејќи на протест во главниот град. Оваа информација ја потврди за МИА, Ката Апостолова, од иницијативниот одбор на неготински пензионери.

За жал, точно е, да. Одејќи кон Скопје, дел од нас побара пауза за тоалет. Застанавме на голем паркинг пред Катланово. Како беше, што беше, изгледа по грешка, мало невнимание, наместо како сите десно, тој тргнал лево и беше удрен од возило на автопатот. Дојдоа брза помош, полиција, обвинител, на лице место беше констатирана смрт. Беше однесен од погребална служба, а ние другите се враќаме назад – рече Апостолова, нагласувајќи дека сите пензионери се вознемирени по настанот.

Еден автобус пензионери од Неготино денеска тргнал на протест. Оваа фотографија е направена за време на патувањето, пред трагичниот настан.

Според информациите од МВР, пензионерот од Неготино којшто се упатил кон денешниот протест за повисоки пензии бил смртно прегазен од возач од Романија.
Патничко возило „фолксваген голф“ со романски национални ознаки, управувано од Д.С.Ц.(41) од Романија, удрило во пешакот Д.С.(77) од Неготино, велат од МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.