Пожарот во Малотино и Жегљане, општина Старо Нагоричане е сè уште активен, а во Кумановско активни се пожарите кои избија вчера околу пладне кај Кокошиње, Кшање и Мургаш, соопшти денеска во видео-изјава, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Пожарот кој зафати ниска шума, вегетација, трева во моментов се гаси и со хеликоптери. Заменик градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски, вели теренот е непристапен.
Таму цело време се присутни екипи на територијалната противпожарна единица, на јавното комунално претпријатие на „Национални Шуми“, екипи на противпожарни единици од соседни општини. Теренот е непристапен. Изгорени се неколку куќи, не ја знаеме точната бројка, изјави Цветановски.
Командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски кажа дека пожарот е на исклучително непристапно место.
Едниот крак од пожарот се шири кон Враготурце, изјави Трајковски.
Регионалниот центар за управување со кризи Куманово соопшти дека вчера на подрачјето на оваа општина се гасел пожар и во Руѓинце, каде дејствувале пожарникари од Старо Нагоричане, Куманово и Кратово, а имало и опожарени куќи.
Пожарникарите од Куманово вчера и ноќва делуваа на големиот пожар помеѓу селата Кокошиње и Кшање. Како што соопшти ЦУК, едно лице го загуби животот, задушувајќи се од чад, додека неговата сопругата е евакуирана.
Според командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, вчера имало единаесет пожари.
Најкритично било на подрачјето помеѓу Кокошиње и Кшање села на подрачјето на општина Куманово во близина на Свети Николе. Таму горела сува трева, ниска деградирана шума.
Вчерашниот ден беше доста турбулентен 11 пожари, регистрирани во општина Куманово има и една жртва во село Кокошиње. Меѓутоа пожарот во село Кокошиње сè уште е активен над селото каде е непристапен дел. Не може да се излезе ниту со возило, ниту пеш со вода за да се интервенира. Зафатена е и површина на соседна општина Свети Николе кај село Ѓуѓанце. Зафатена е поголема површина, има изгорено куќи немам точна информација, изјави Илиевски.
Според регионалниот центар за управување со кризи Куманово во атарот на Кшање и Кокошиње е интервенирано од 12:45 со четири противпожарни возила со 12 пожарникари.
Покрај ова, кумановските пожарникари интервенирале на опожарена сува трева кај Зебрњак, кај Никуштак, кај Филтер станицата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.