Четириесет иедногодишниот А.К. од велешко Горно Оризари, во текот на викендов, украл автомобил, мотор, а претставувајќи се лажно како полициски службеник одзел мобилен и банкарски картички. Одземеното ќе им биде вратено на сопствениците, велат од МВР.

Оттаму, информираат дека А.К. се сомничи дека во периодот 16/17.09.2023 од гаража во Велес одзел патничко моторно возило „цитроен ц3“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на велешанецот А.Д.(60) и електричен алат.

Покрај ова, пред продавница во Велес тој, лажно претставувајќи се како полициски службеник, од велешанецот К.П.(50) одзел мобилен телефон и паричник со лични документи, банкарски картички и клучеви од неговиот дом, а потоа влегол во неговиот дом и извршил пребарување, но не одзел ништо. А од пред куќа во Велес одзел мотоцикл „лонгија“ без регистарски ознаки, сопственост на Р.К.(45), кој подоцна е пронајден во близина на угостителски објект, известуваат од полицијата.

По издадена судска наредба од Основен суд Велес, полициски службеници извршиле претрес во домот на А.К., при што била пронајдена банкарска картичка на име К.П. и други предмети кои потекнуваат од кривичните дела и ќе бидат вратени на сопствениците.

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.