Во Основниот суд во Струга утре третпат ќе почне судскиот процес против тројцата лекари од Струшката болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети од Јилдиз Веапоска, од Дебар на која при породување со царски рез и биле отстранети матка, јајник и бубрег.

Судскиот процес, како што информира за МИА претседателот на судот во Струга Ифет Бајрамоски, ќе го води судијата Јордан Јованов.

Судскиот процес со родилката од Дебар третпат почнува од почеток поради пензионирање на судиите кои го водеа, а Јованов е трет судија што од почеток ќе ја почне постапката.

Адвокатот на оштететната Веапоска, Сашо Јанев по последното одложување на рочиштето, во јули годинава, заклучи дека сите бегаат од предметот, кој го нарече врел костен, но на крај очекува осудителна пресуда. Интенција на одбраната, тогаш нагласи дека е да стартува со супер вештачење, со забелешка дека судскиот процес веќе е одолговлечен.

Веапоска, пак, по последното одлагање најави дека нема да се откаже од правдата, бидејќи, како што нагласи, е половина човек.

Според обвинението, тројцата лекари се товарат дека на родилката Веапоска и отстраниле бубрег, матка и јајник по породување со царски рез во Струшката Општа болница. Како што е појаснето во обвинението, при породувањето со царски рез и ја оштетиле левата бубрежна артерија, но не презеле мерки, туку и давале терапија при што паднала во шокова состојба. Повторно ја оперирале и ја отстраниле матката и левиот јајник, иако не биле оштетени. Крварењето не престанало па со втор зафат утврдиле дека е оштетена артерија. Тогаш и бил отстранет и левиот бубрегот и била пренесена на КАРИЛ во Скопје.

Судскиот процес почна во јуни минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.