Српската полиција на граничниот премин Прешево -Табановце ги уапсила украинскиот државјанин В.П.(37) и унгарскиот државјанин П.К.(42), кај кои пронашле 268.000 евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Унгарецот и Украинецот се осомничени за перење пари и задржани во притвор до 48 часа.

Прекршокот бил откриен кога на редот за контрола на излез од Србија пристигнало возилото „туарег“ со странска регистрација, во кое кон Македонија патувале двајца странски државјани.

И покрај тоа што кажале дека немаат што да пријават и дека ги носат дозволените суми на пари, автомобилот бил издвоен на темелна проверка.

Во таа прилика, во фабричката подна шуплина, пред совозачкото седиште, најнапред била пронајдена кеса со снопови девизи.

Потоа во преградата за акумулатор биле пронајдени уште три кеси со скриени пари, а на крајот дел од скриените пари во различни апоени биле пронајдени и во тапацирот под клупата на задното седиште. Со пребројување било утврдено дека се работи за вкупно 268.000 шверцувани евра.

Откриените пари заедно со 37-годишниот возач и автомобилот чија вредност се проценува на околу 70.000 евра ги презеде во понатамошна надлежност полицијата и обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.