Противпожарните тимови во текот на вчерашниот ден интервенирале на пет пожари на отворен простор, од кои до утрово се уште еден се води како активен. Тоа е пожарот во општина Дебар, кај месноста „Красница“, во реонот на село Гари, на планината Стогово.

Како што соопшти ЦУК, вчера околу 12:45 часот преку единствениот број за итни повици 112 во ЦУК е добиена дојава за пожарот.

Од Регионалниот ЦУК Дебар стапиле во контакт со ТППЕ Дебар и ЈП „Национални шуми“ – подружница „Стогово“ од Дебар, како и со жители кои живеат во непосредна близина на местото каде што е забележан пожарот. Притоа добиле известување дека пожарот е на тешко пристапен терен и нема опасност за негово проширување.

ЈП „Национални шуми“ – подружница „Стогово“ од Дебар соопштиле дека во текот на вчерашниот ден не било можно да се интервенира, а во текот на денешниот ден ќе испратат екипа на терен.

Во изгаснатите четири пожари на отворено, горела ниска вегетација. Тие биле во: Општина Могила, кај село Ивањевци, Општина Долнени, меѓу селата Дебреште и Лажани, Општина Старо Нагоричане, кај село Младо Нагоричане и во Општина Боговиње во атарот на село Урвич.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.