Целосно е изгаснат едниот крак од шумскиот пожар над селото Теарце во Националниот парк „Шар Планина“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Другиот дел од пожарот е се уште активен, но со помал интезитет од вчера.

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово, состојбата континуирано се следи. Се очекува активниот дел од пожарот да се самоизгасне во текот на ноќта со оглед на ниските температури. Ако тоа не се случи, утре, по утринското извидување, е планирано повторно да се оди на терен за пожарот да се доизгасне.

Екипата попладнево се повлекла откако почнало да се стменува, но и поради непристапниот терен.

Од вчера до денеска, како што наведува ЦУК, се изгорени околу седум до девет хектари површина.

Како резултат на воздушниот притисок, чадот се спушта надолу и им создава големи проблеми во дишењето на вработените поради што тие се повлечени. Пожарот на една од страните е изгаснат во целост, а од другата страна не се можело да се дејствува, бидејќи се намалила видливоста – се стемнувало, па затоа пожарот на тој крак е се уште активен, но со помал интезитет од вчера. Во 15:15 часот е стапено во контакт со директорот на Националниот парк, кој бил на лице место со осум вработени од Паркот од утрово, кога појдоа од село Теарце кон пожарот каде од вчера гори букова шума и пасиште. По кординација со директорот на ДЗС Скопје и Директорот на Национален парк „Шар Планина“, авион од ДЗС учествувал сo дејствување на една од страните на пожарот, но само со еден налет согласно условите на терен и се вратил во базата во Скопје. Одлучено е да се сочека до утре да се види дали ќе има потреба или не со оглед на ниските температури во ноќта и можноста да се самоизгасне.
Потоа, во 16:25 часот е стапено во контакт со ренџерот што го пријавил вчерашниот пожар и тој извести дека екипата се повлекува во Теарце бидејќи, почнува да се стемнува, а патот е непристапен за движење, бидејќи до местото на пожарот се пешачи два часа, информира ЦУК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.