Полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи во рамки на Бирото за јавна безбедност, во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат од полнок до 4 часот изутрината спровеле акциска контрола во угостителски објекти на целата територија на државата, во која биле исконтролирани 347 угостителски објекти.

При контролата во повеќе угостителски објекти по полноќ, констатирано е присуство на 56 малолетници, спротивно на законот, а на подрачјето на СВР Велес утврдено е кривично дело „точење на алкохол на малолетно лице“, казниво по член 204 од Кривичниот законик и сите се соодветно санкционирани.

 

На подрачјето на СВР Скопје откриени се кривични дела по член 215 од Кривичниот законик, кој се однесува на „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекусори“, при што лишени од слобода се три лица, две на подрачјето на Центар и едно на Карпош. При преглед кај нив се пронајдени и одземени ќеси со бела прашкаста материја, грутчеста материја и марихуана.

 

Во угостителски објект на подрачјето на Центар во Скопје, затекнати биле лица без вакцинален сертификат, на кои ќе им бидат поднесени пријави согласно член 206 од Кривичниот законик, а од страна на ДПИ објектот е запечатен и ќе следи соодветна прекршочна санкција.

 

При спроведената акциска контрола покрената е соодветна постапка против две лица кои се однесувале агресивно и спречувале полициски службеници во вршење на службени дејства. Откриени се три прекршоци од Законот за заштита од пушење, три по член 8 од Законот за прекршоците против за јавниот ред и мир и еден од Законот за странци. Против сите лица кои сториле прекршок или кривично дело ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.