Запленета е еден тон и 600 килограми наркотична дрога во вредност од три милиони и 200 илјади евра, во текот на вчерашниот ден во две големи акции на МВР за сузбивање на шверц со дрога, на две различни локации во државата, на подрачјата на СВР Струмица и на СВР Битола – ОВР Ресен.
Како што соопштија денеска од МВР, првата акција е реализирана од страна на полициски службеници од СВР Струмица заедно со Единицата за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност во содејство со членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели.
Притоа, извршена е контрола во правно лице во Струмица, регистрирано за одгледување на канабис за медицински цели. Поради констатирани неправилности во работењето на правниот субјект, запленета е непријавена марихуана во вредност од околу 3 милиони евра, со вкупна тежина од над еден и пол тон. Или, попрецизно 1.559,27 килограми, од која 1.041,50 килограми сув цвет, 223,57 килограми сув лист и 294,30 килограми био маса, што е спротивно на член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, стои во соопштението.
За случајот е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирањето ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Речиси истовремено, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Ресен при СВР Битола, на патот Охрид – Ресен, кај село Јанковец, извршиле преглед на патничко возило „шкода октавија“, со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(38) од струмичкото село Сачево, во кое како сопатник се наоѓал М.Т.(48) од Струмица и претрес по наредба на Основен суд Ресен, при што биле пронајдени три торби со марихуана во вкупна вредност од околу 200.000 евра и тежина од околу 50 килограми.
Двете лица се лишени од слобода и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава до Основното јавно обвинителство Битола, поради постоење на основи на сомневање дека извршиле кривично дело член 215 од Кривичниот законик.
Значи, само во еден ден македонската полиција заплени 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра. Ова е уште еден показател дека бескомпромисната борба со криминалот и сузбивањето на шверцот со наркотици продолжува со засилено темпо, се наведува во осопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.