Претставници на Отсекот за превенција на СВР Тетово неделава оствариле серија средби со сопственици или одговорни лица од тетовски угостителски објекти. На угостителите им било укажано да водат сметка за јавниот ред и мир, во и околу објектите и пред сè да водат сметка и да пријават пукање од огнено оружје за време на свадбени или други семејни свечености.

Средбите ќе продолжат и во другите објекти (салони за свадби, ресторани и слично), при што се планира да бидат опфатени над педесетина објекти во Тетово, Гостивар и во повеќе села, каде најчесто се организираат свадбените свечености кои се во полн ек. Целта е угостителите непосредно да се информираат за нивните обврски како организатори на свеченостите и за последиците по јавниот ред и мир од незаконско пукање или приредување на огномети. Покрај тоа, на средбите, угостителите биле запознаени и со законските мерки за неовластено приредување на огномети или користење разновидна пиротехника на вакви свечености, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува дека пукањето и самоволното приредување на огномети е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваквите видови прекршоци, согласно членовите 31 и 32 се движи од 100 до 250 евра во денарска противвредност.

Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое согласно член 288 од Кривичниот законик предвидена е и затворска казна од шест месеци до пет години.

На граѓаните, исто така, им се укажува дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а нивните организатори навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.