Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје, продолжува на 26 октомври, откако на денешното рочиште, беа изведени видео материјали од безбедносните камери на дискотеката и Сејф сити системот, на кои се гледаат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ на 7 април годинава во периодот од 3:25 до 3:45 часот.

Од видео снимките се гледа дека во 3:26 од дискотеката излегуваат обвинетата Клементина Левковска и Анџело Ѓоргиевски, а по кратко излегува и обвинетиот Андреј Костовски. Во 3:29 излегува и Денис Тот, се поздравува со Ѓоргиевски и сите влегуваат во такси возилото.

Костовски, кој седи напред излегува од таксито, доаѓа на задната лева врата, го влече Тот да излезе од возилото и со гард на рацете се повлекува.

Кратко потоа од возилото излегува и Левковска и го турка по градите Тот, кој ја оттурнува од себе назад кон такси возилото. Во тој момент се вклучува обвинетиот Ѓоргиевски, кој го удира по глава оштетениот Тот и тој паѓа на грб, а сите тројца обвинети се околу него.

За кратко до телото на Тот останува само едно лице, кое се обидува да му помогне, а обвинетите влегуваат во такси возилото, но повторно и се враќаат. Обвинетиот Ѓоргиевски и уште едно лице се обидуваат да му помогнат на Тот.

Сите тројца обвинети остануваат со Тот до пристигнувањето на Брзата помош во 3:49 часот.

Од друго кратко видео, кое исто така беше изведено пред Судот, се гледа како обвинетите Левковска и Ѓоргиевски со уште едно лице доаѓаат во дискотеката, а кратко по нив влегува и сега починатиот Денис Тот.

Во судница беа изведени и три аудио снимки од диспечерскиот систем на Брзата помош, на кои се слуша комуникација меѓу Брзата помош, женски глас што пријавува и Ургентен центар.

На едното аудио се слуша женски глас како се јавува во Брза помош и бара да биде испратено возило пред дискотеката „Привелиџ“, објаснувајќи дека имало тепачка и има паднат човек, кој не мрда, со отворени очи.

Потоа, на повторно јавување се слуша женски глас како ги моли брзата помош да дојде побрзо, на што диспечерката ја уверува дека брзата помош доаѓа и дека се јавиле само пред две минути.

Пред Судот беа изведени и материјални докази, меѓу кои извештаи од мобилни оператори за повеќе телефонски броеви, извештаи од МВР, упати и извештаи од Ургентниот центар и од клиниките за токсикологија, за неврохирургија и за радиологија, како и друга документација.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал – се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.