Спречен е обид за криумчарење брендирана облека и обувки вредни 1,6 милиони денари од познати модни марки меѓу кои „Долче и Габана“, „Версаче“ „Мајкл Корс“ „Ралф Лoрен“ и „Најк“, во два посебни случаи на контроли на влез во државата на граничниот премин Табановце.

Како што денеска соопштија од Царинската управа, брендираната роба за која требало да се платат царински давачки во вкупен износ од 457.546 денари е одземена, а против возачите ќе биде поднесена кривична пријава.

Облеката и обувките од познатите модни имиња меѓу кои и „Долче и Габана“ и „Версаче“ во вредност од околу 700 илјади денари, се наведува во соопштението, се откриени од страна на царинските службеници и тоа во багажот на возач на автобус кој сообраќал на редовна линија Дортмунд – Тетово.

– Кога царинските службеници ги прашале патниците и возачот дали имаат нешто да пријават за царинска контрола, тие одговориле дека немаат ништо за пријавување. При контрола на автобусот и багажот, возачот рекол дека има две торби со стара гардероба кои ги земал како пратка, при чиј преглед се пронајдени брендираните производи со прикачени цени, се појаснува во соопштението од Царина.

Брендираните парчиња облека и обувки од марката „Најк“ во вредност од 921.341 денар биле откриени од страна на мобилните тимови при Секторот за контрола и истраги при контрола на товарно моторно возило. Возилото, како што информираа од Царина, е скенирано со мобилен скенер, при што со детална контрола во кабината на возачот на горниот и на долниот кревет, како и во просторот до возачот се пронајдени непријавените брендирани производи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.