Во Врховниот суд на Република Македонија денеска се одржа јавна седница по жалбата против мерката притвор на Александар Ѓорчевски, осомничен во предметот за убиството на неговата ќерка, Вања Ѓорчевска. Преку жалбата, одбраната тврди дека притворот е превентивен, што, според нив е недозволиво. Додека, обвинителството вели дека од доказите се извлекува неспорниот заклучок дека во оваа фаза постои основано сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар.
Жалбата следува по одлуката на Апелациониот суд со која беше одбиена жалбата на Ѓорчевски и му ја продолжи мерката притвор поради основано сомнение за сторено кривично дело „грабнување“ до 3 април 2024 година.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на обвинетиот Александар Ѓорчевски, на денешната јавна седница нагласи дека не им е приложен ниту еден доказ или индиција од кој може да се заклучи дека постои минималниот стандард за продолжување на мерката притвор.
– Основано сомнение дека било извршено кривично дело подразбира постоење на факти и информации за кои некој би можел да се убеди дека осомничениот го сторил делото. Аргументите за и против не смеат да бидат општи и апстрактни, туку треба да содржат аргументи кои го оправдуваат притворот, рече тој.
Според него, како што рече, „квази автоматското продолжување на притворот“ е спротивно на законот.
Туфегџиќ нагласи дека осомничениот минува низ процес на загуба, а како што рече, досегашното негово однесување е здрава реакција на загуба на своето дете што, како што дополни, е најтешко нешто што може да му се случи на еден родител.
Според одбраната, исто така, кривичниот совет ја донел одлуката нејасно, неразбирливо и противречно самиот на себе без наведени причини.
Оттаму тврдат дека обвинетиот со проактивна одбрана учествувал во оваа кривична постапка заради целосно разјаснување на работите. Помогнал да се пријават видео записи од различни објекти и ги доставил до полиција. Тие се концизни дека му била определена мерка притвор без да му биде приложен ниту еден доказ за тоа, а судот дал паушални причини.
Одбраната тврди и дека обвинетиот не може да влијае врз сведоците бидејќи сите веќе биле сослушани како и на фактот дека на обвинетиот не му бил дозволен увид во списите. Одбраната, исто така, укажува и на тоа дека обвинетиот во притворскиот објект бил подложен на тортура на начин што повеќе пати бил испитувани од лица кои се претставувале како полициски службеници, односно бил под притисок да го признае делото кое му се става на товар.
Од сите горенаведени причини одбрана смета дека жалбата треба да се прифати, да се определат поблаги мерки или мерката притвор да биде укината.
На ваквите жалбени наводи, Јавното обвинителство доставило одговор во кој предлага жалбата на обвинетиот да се одбие како неоснована.
Според обвинителката Наталија Тасевска, Апелациониот суд Скопје, донел јасно решение во кое има доволно образложени причини дека осомничениот го сторил кривичното дело „грабнување“, кое, како што посочи, со текот на истрагата се надоградува со повеќе докази, а истрагата сѐ уште трае.
– Станува збор за тешко кривично дело од кое е произлезена тешка последица, а за судството во такви дејствија законот предвидува тешка казна, од кое само по себе произлегува причината дека ако обвинетиот е на слобода ќе постои висок степен на веројатност дека ќе се даде во бегство, рече таа.
Дополни дека во оваа фаза на постапката, кога сѐ уште се преземаат истражни дејствија, постои можност обвинетиот да влијае на сведоците со дел да овозможи подобра позиција, односно да истите во текот на понатамошна постапка да ги променат исказите.
– Особено би нагласила дека во оваа фаза на постапката, мерката со која може да се обезбеди непречено водење на кривична постапка е притвор, рече таа.
На денешната јавна седница се изјасни и осомничениот Александар Ѓорѓиевски, таткото на Вања, кој се приклучи на жалбените наводи на неговиот бранител.
– Јас сум поделен на два света во моментов, едното дете ми се наоѓа тука, другото ми го одземаа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешница од оваа ситуација, важно ми е да дојде до разрешница, за да можам и јас да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој свет или ќе се придружам на постарата ќеркичка, рече тој.
Малолетната Вања Ѓорчевска која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.
За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка.
По предлог на надлежен обвинител Судот беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.