Четириесет и четиригодишен скопјанец е осомничен дека си го убил тримесечниот бебе ноќта меѓу неделата и понеделникот, соопшти денеска Основното јавно обвинителство Скопје кое отворило истражна постапка за случајот.

Како што информираат оттаму, осомничениот се товари за кривичното дело убиство од член 123 став 2 точка 2, односно убиство при вршење на семејно насилство за што, според кривичниот законик е предвидена затворска казна од најмалку 10 години до доживотен затвор.

„Ноќта меѓу 25 и 26 септември, додека осомничениот бил во домот со четири малолетни деца, меѓу кои и тримесечниот син, започнал да го удира детето со раце и нозе по главата и телото. На тој начин му нанел повеќе повреди кои предизвикале крварење во черепната празнина, како резултат на кои тримесечното бебе починало“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму додаваат дека поради околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, можност тој да се обиде да влијае врз сведоците, па дури и да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување притвор.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.