Ова ни е прв случај македонски државјани да биде приведен поради илегален транспорт на мигранти, вели за МИА портпаролката на Регионалната управа на бугарското Министерство за внатрешни работи во Бургас, Цветелина Рандева, коментирајќи го денешното приведување на 60-годишен возач од земјава под сомнеж за шверц на мигранти од Авганистан.
Досега имало државјани од многу други земји кои се занимавале со шверц на мигранти, но немало македонски државјанин – додаде Рандева.
Таа наведе дека приведениот македонски државјанин е идентификуван како Зоран Камилов и според податоците од неговата лична карта има 60 години и е од Гевгелија.
Тој е задржан од страна на бугарската полиција во 24-часовен притвор, а по истекот на овој период се очекува Јавното обвинителство во Бургас да му го продолжи притворот за уште 72 часа.
Истрагата за случајот е веќе почната, а судењето би можело да заврши до крајот на следната неделата.
Според изворите на дописникот на МИА од Софија, приведениот македонски државјанин со камин со скопски регистарски таблички влегол во Бугарија од Турција преку еден од двата премини на бугарско-турската граница „Капитан Андреево“ или „Лесово“.
Тој, по приведувањето во полициската станица изјавил дека со него не контактирале шверцери на мигранти, туку дека тој ги качил Авганистанците затоа што му ветиле дека ќе му платат за превозот.
Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, македонскиот државјанин беше приведен откако полицијата во бугарскиот град Бургас во камионот што го управувал открила најмалку 88 мажи од Авганистан.
Тие се качиле во багажниот простор на камионот во областа Дебелт, од каде возилото се упатило кон Бургас, при што било запрено од полициска патрола. Камионот бил пресретнат околу 06:45 часот по локално време (05:45 часот по македонско време) во близина на бензинска пумпа во бургаската населба „Меден Рудник“, низ која минува главниот пат од Средец до Бургас.
Полициската акција следувала откако полицијата добила информација од двајца очевидци дека во камионот кај Дебелт се натовариле мигранти, по што полициските службеници го пресретнале во Бургас. Авганистанците во текот на ноќта илегално ја преминале бугарско-турската граница и рано утрово се качиле во камионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.