Пожарот што започна вчера во попладневните часови на територија на Општина Василево, кај селата Владевци и Трибичино, на висок и непристапен терен и ридско карпест релјеф обраснат со висока сува трева и нискостеблеста мешана шума, во текот на денешниов ден околу 13.30 часот поради силината и променливиот правец на ветерот повторно се разгорува и проширува, но не во правец кон селата, туку кон сртот на ридот и странично кон доловите, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи.

Според ЦУК, на терен во справување со пожарот се екипи на на ЈП „Национални шуми -Подружницата Струмица“, како и екипи на ТПП Струмица.

Имајќи ги предвид условите каде во моментот е локацијата на пожарот, непристапниот терен, лошата патна инфраструктура, како можен пристап до локацијата на пожарот, дотурот на вода и можноста за пристап и гасење со специјализирани теренски возила, градоначалникот на општина Василево побара воздушна подршка во процесот на гасењето на пожарот, посочуваат од ЦУК.

Во координација со Центарот за управување сво кризи, се посочува во известувањето, субјектите во Системот за управување со кризи, кои во својот состав располагаат со летала специјализирани и наменети за гасење на пожари, како и градоначалникот на Општина Василево, договорено е по соодветна претходна процена, согласно претходно јасно дефинирана потреба, во текот на утрешниот ден рано наутро кога температурите се ниски да се реализира воздушна подршка до моментот на целосна ликвидација на пожарното дејство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.