Таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, чека одговор од Кривичниот суд дали и понатаму ќе остане во притвор во истражниот затвор ,,Скопје” или ќе оди во куќен притвор.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ за „Фокус” појаснува дека на 9 јануари поднал барање за укинување на притворот и одредување на куќен притвор. По ова барање треба да одлучи судија на претходна постапка.

Одлуката се уште не е донесена бидејќи како што појаснуваат од Кривичниот суд се чека мислењето од Обвинителството. Инаку судијката Весна Димишкова, која досега одлучуваше, во меѓувреме беше избрана за судија во Апелација, поради што предметот е даден на друг судија на претходна постапка.

-Таткото на Вања беше уапсен на почетокот на декември по што заврши во притвор, како еден од осомничените. За него останатите уапсени посочиле дека бил во комуникација со првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо, односно наводно му кажал во колку часот неговата ќерка излегува од дома за да оди на училиште.
Од обвинителството ги чекаат вештачењата на прибраните материјални докази, по што ќе биде познато дали има и материјални докази кои го поткрепуваат ова сведочење за вмешаноста на таткото, пишува Фокус.

Четиринаесетгодишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а велешанецот Панче на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои тројца признаа вина. Сите се наоѓаат во притвор.

Палчо, кој е осомничен за извршител на двете убиства, е во притвор во Турција и се чека негова екстрадиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.