Јавното обвинителство покрена истрага за трагичната несреќа на 31 јули во Скопје, во која почина 25-годишно момче пешак, а беа повредени возачите на автомобилите и сопатниците, објави Алсат.
Истрагата потврди дека сообраќајната несреќа ја предизвикал автомобилот со италијански регистерски таблички кој поминал на црвено – и возачот се води како првоосомничен.
„Сообраќајот бил регулиран со семафор, а тој постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и преку надолжната полна линија го обиколил запреното возило. Потоа продолжил со движење и навлегол во крстосницата, свртувајќи во лево на запалено црвено светло на семафорот“, наведоа од ЈО.
Обвинителството го сомничи и другиот учесник во сообраќајот дека возел со несоодветна брзина, иако не се наведуваат детали за брзината забележана до моментот на несреќата.
„39-годишниот македонски државјанин возел по крстосница на зелено светло,но без притоа да ја приспособи брзината на движење кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови“, додаваат од ЈО.
Двајцата се товарат за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. На првоосомничениот му е одреден куќен притвор, додека на второпријавениот му е одредена наредба да се јави пред суд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.