Одбраната на Рашковски тврди дека Зоран Заев потврдил дека набавката е законска, а софтверот за потребите на Владата.

Зоран Заев како премиер тврдел дека Драги Рашковски како генерален секретар не го прекршил законот за јавни набавки, а опремата што ја набавувал ја има во Владата. Дополнително за софтверот постои документација од која може да се види дека и при набавката се знаело дека не е за МВР, тука за Влада.

Според Заев и дописот испратен од Владата до Државното правобранителство, сите плаќања за услугите се извршени согласно законските процедури. Со ова експремиерот ја оправдувал набавката на софтвер за мерење на просечната брзина во сообраќај, кабини и камери која реализирал Рашковски. Заев во дописот е дециден: „Договорите се во целост и навремено исполнети“, што би значело дека смета дека нема никаква штета на државниот буџет.

Тогашниот премиер посочил дека набавките кои ги правел Рашковски биле согласно планот за јавни набавките, а донесените одлуки согласно законите.

„Сите набавки се во рамките на законските овластувања и надлежностите поради подобрување на работата на Владата и на Генералниот секретаријат. И д ата системи се набавени во насока на остварување на надлежностите и обврските од Законот за влада како подобрување на ефикасноста на работата на Генералниот секретаријат согласно деловникот за работа на Влада“.

Државното правобранителство добило два дописот од Владата за неколку дена, првиот заведен во архивата на 30 септември 2021 година и потпишан од тогашниот генерален секретар Мухамед Зеќири, а вториот примен и заверен на 5 октомври и потпишан од Зоран Заев.

Адвокатот на Драги Рашковски, Владимир Доневски за А1он рече дека и двата дописи имаат идентична содржина со тоа што во вториот допис се наведени и причини плус зошто Владата не се приклучува кон кривичниот прогон.


Одбрана на Рашковски


„Изреката за непредјавување на оштетно побарување и неприклучување кон кривичен прогон стои и во двата дописи упатени од Владата на РСМ и Државното правобранителство кој основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), така да содржината од првиот допис е идентична со содржината од вториот допис, со тоа што во вториот допис се наведени и причини плус зошто нема оштетно побарување и зошто не се приклучуваат кон кривичниот прогон. И во двата дописи може да видите дека нема предјавено оштетно побарување заради тоа што договорите се во целост исполнети.

На првиот допис е потпишан тогашниот генерален секретар на Владата на РСМ, Мухамед Зеќири, а на вториот допис е потпишан тогашниот претседател на Владата на РСМ , Зоран Заев. И во двата дописи не е утврдено дека е настаната штета, односно не е предјавено оштетно побарување што може да се види и од самите дописи, така да не станува збор за различни дописи“ – истакна Доневски.

Доневски додаде дека првиот допис е повлечен затоа што е направено дополнително аргументирање на ставот дека не се предјавува оштетно побарување и до оглед на фактот дека претседателот на Владата е тој кој ја претставува Владата и кој бил и претседател на Владата во времето кога се спроведувале јавните набавки, истиот го потпишал таквиот допис, задржувајќи го ставот од претходно дека не се предјавува оштетно побарување.

Обвинетиот Рашковски неодамна на брифинг со новинарите рече дека била неточна тезата дека за јавната набавка на софтверот не постои одлука за набавка. Во дописот од Владата до Државното правобранителство се вели дека „донесените одлуки за набавка се во целост со овие законски одредби, односно Генералниот секретар е тој кој носи одлуки за јавни набавки.

Ексгенералниот секретар најави дека ќе бара од судот Владата ја донесе целата набавена опрема во судницата за да се види дека постои. За Мухамед Зеќири, кој е наследник на функцијата генерален секретар по Рашковски, обвинетиот вело дека има доказ со кој може да се констатира дека е утврдено примопредавање на софтверите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.