Во Основниот кривичен суд – Скопје продолжува судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува со изведување докази од обвинителството, откако на минатото рочиште беа сослушани вештите лица Александар Станков и Рената Јанкова од Судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Вештите лица беа согласни дека повредите кои ги здобил сега покојниот се класифицирани како тешка телесна повреда со опасност по живот и истите се поврзани со смртниот исход на оштетениот.

Како причина за смрт наведено е дека смртта настанала заради нагмечување на големиот мозок и нагмечување на рбетниот мозок, меѓутоа, како критична повреда од настапување на смрт врз основа на целокупната клиничка слика кај сега починатиот е повредата на почетен дел од рбетниот мозок – појасни вештото лице Александар Станков.

Вештото лице Рената Јанкова кажа дека некои повреди може да се квалификуваат изолирано, па потоа да се зборува за севкупно дејство на повредите.

Меѓутоа, ако ги разгледуваме поединечно, на пример една од повредите, да ја земеме повредата која што довела до неконкретна скршеница на носната коска, може да биде телесна повреда, меѓутоа, ако истата таа повреда довела до потрес на мозокот во тешка форма, тогаш е тешка телесна повреда – изјави таа.

Одбраната во своите воведни зборови кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.

Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал – се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.