СВР Тетово апелира до велосипедистите и мотоциклистите за доследно почитување на сообраќајните правила, со оглед на зголемување на нивниот број по патиштата со затоплување на времето. Воедно потсетуваат дека минатата година на тетовското подрачје биле регистрирани вкупно 22 сообраќајни несреќи во кои непосредни учесници биле велосипедисти и 74 со учесници мотоциклисти.

Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до велосипедистите да се движат прописно, односно крајно десно по коловозот, еден зад друг, а не еден до друг. Им се советува, исто така, во вечерните часови да бидат прописно осветлени и да ги избегнуваат темните улици, да внимаваат на знаците и постапките кога свртуваат лево или десно, задолжително да слезат од велосипед, да ги преминуваат улиците на обележани премини и друго. Максимална внимателност им се советува и на мотоциклистите, но и навреме да ги регистрираат мотоциклите, задолжително да користат заштитна опрема и да поседуваат возачки дозволи, потенцира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во спротивно, велосипедистите ќе се соочат со законски предвидените санкции, односно ќе им се изготвуваат соодветни поднесоци, а зависно од видот на сторениот прекршок, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, предвидени се и парични глоби од 20 до 50 евра во денарска противвредност според член 96 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.