Основното јавно обвинителство – Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишен кумановец, кој ограбил обложувалница во Куманово, а кој и претходно бил осудуван за истородни кривични дела против имотот.

Како што информираат од Јавното обвинителство, за лицето постои основано сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“.

На 21 декември, во обложувалница на улицата „Тоде Мендол“ во Куманово, осомничениот влегол со дрвена палка и му се заканил на вработениот дека ќе го убие ако не му даде 1.000 евра. Оштетениот, исплашен за својот живот, заедно со осомничениот влегол зад пултот, ја отворил касата и му го предал целокупниот промет во износ од 7.000 денари. Осомничениот со парите веднаш избегал од местото, стои во соопштението од ЈО.

Дополнуваат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основниот суд во Куманово поднел предлог за определување мерка притвор против осомничениот, бидејќи постои основан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и оправдан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело со оглед на тоа дека се работи за лице кое претходно е осудувано за истородни кривични дела против имотот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.