Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за пожар во Катлановско, во месноста „Сув Камен“, под с. Градманци и с. Брезница, каде што мештаните помагаат при координација на терен, а во гаснењето на пожарот е вклучен армиски хеликоптер, заради повисокиот непристапен терен кој оневозможува гаснење од земја со противпожарни возила.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој е на терен во Катланово соопшти дека во текот на денешниот ден има 8 пожари од кои 6 се активни додека 2 се ставени под контрола.

Пожарот над Катланово се шири на тежок терен и затоа е употребен армискиот хеликоптер, при што со неговите дејства се заштитени Старечкиот дом и викендичките. Најтежок пожар денеска е во Мариово каде се упатени 100 припадници на АРМ, полициски специјалци и пожарникари, но не постои ризик по ниту едно село, рече Ангелов во изјавата.

Тој додаде дека службите имаат доволно сили во случај огнот да се приближи до некое село ќе се реагира брзо и ќе се спречи горат куќи.

Според Ангелов критична е состојбата со пожарот на планината Мукос кој вчера и денеска се движи кон селото Ореов дол, а пожар има и во месноста Рамно на Скопска црна гора. Очекувањата се дека најавените врнежи ќе помогнат да се изгаснат пожарите на отворен простор.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.