Жител на скопско Батинци доцна синоќа пријави во полиција дека неговиот син, кој издржува казна во затворот во Штип, му се јавил и му кажал дека е во опасност зашто се подготвува тепачка во затворот. Неофицијално, причина за тепачката бил токму бегалецот од затворот Идризово, поради кого 17 затворски полицајци денеска беа одведени пред судот во Скопје, објави МКД.мк.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска беше во Штип и таму потврди дека имало нарушен ред во затворот, но не кажа детали најавувајќи соопштение.

Во соопштението се вели дека во СВР Штип синоќа во 23.57 часот Ш.Н. од скопско Батинци, пријавил дека му се јавил неговиот син З.Н.. кој издржувал казна затвор во Казнено-поправната установа Затвор Штип и му рекол дека има информации дека во текот на ноќта ќе биде нападнат.

Некаде околу полноќ во штипската полиција од затворот било јавено дека бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две групи затвореници и дека имаат сознанија дека кон затворот во Штип патуваат повеќе лица за да ѝ помогнат на едната група.

„По преземени мерки, полициски службеници од СВР Штип пред затворот затекнале 30 лица со 10 возила и при преглед на лицата и возилата, во едно возило биле пронајдени и одземени дрвен и остар предмет. За време физичката пресметка во установата, со повреди се здобил еден вработен и бил пренесен во Клиничка болница Штип за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија денеска од МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.