Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошкоски.

Од вчера се преземаат активности во низа на оперативно-криминалистички постапки од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје. Ќе ги согледаме сите факти што ќе произлезат од истрагата за да видиме и да откриеме за лицето кое се води како исчезнато, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата на тема „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта“, што ја организираше Министерството за труд и социјална политика.

Според апелот на социјалните мрежи за пронаоѓање на 26-годишното момче, трагата му се губи кај Амбасадата на Чешка во Скопје.

Случајот вчера го потврдија и од Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.

На 04.03.2023 во 08.00 часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26), се наведува во полицискиот билтен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.