Јелена Танасковиќ, в. д. директорка на Железничката инфраструктура на Србија, поднесе оставка поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица, а уште две беа тешко повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

Од мај 2024 година, Јелена Танасковиќ ја извршува функцијата в.д директор на Железничката инфраструктура на Србија.

Во претходниот мандат на Владата на Србија, Танасковиќ ја извршуваше функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Пред тоа, од 2020 до 2022 година, таа беше државен секретар во Министерството за заштита на животната средина, додека во периодот од 2018 до 2020 година беше државен секретар во Министерството за финансии.

Таа беше и градски секретар за финансии на Град Белград од 2017 година.

Да потсетиме, претходно денеска оставка поднесе и министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека поради трагедијата во Нови Сад очекува оставки во Владата и на други места и мерки од обвинителството што е можно поскоро.

На 5 ноември, четири дена по падот на настрешницата на железничката станица „Нови Сад“, оставка поднесе и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.