Јавното обвинителств отвори истрага за случајот со Онкологија и побара мерки за претпазливост за поранешниот директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, кој се сомничи за седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и за „измама во службата“, како и за организацискиот директор, Нехат Нухи, кој се сомничи за „измама во службата“. Во случајот се осомничени и тројца лекари кои се товарат за помагање во „измама во службата“.
Васев, освен забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова, му е изречено и оддалечување од работното место. Додека, за Нухи е побарано само забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа. По ова барање треба да одлучи Основниот Кривичен суд Скопје.
Во текот на предистражната постапка во овој предмет работевме во тим од двајца јавни обвинители, беа преземени многу дејствија и прибавена е обемна документација. Од исклучителна важност за целата оваа постапка беа онколошките пациенти и нивните семејства на кои сакам уште еднаш јавно да им се заблагодарам и да ги охрабрам да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци на конкретната клиника, изјави обвинителката која го води случајот, Ана Гоговска Јакимовска.
На денешниот брифинг со новинари таа рече дека медицинскиот и организацискиот директор набавиле лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка, без согласност од Фондот за здравствено осигурување на Македонија во период кога постапките за јавна набавка сѐ уште не биле спроведени од Министерството за здравство.
Како што информираше, спротивно на протоколите за лекување, се препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.
Обвинителството од досегашната истрага утврдило дека е сторена имотна корист за друг во износ од 1. 817.520.000 или близу 30 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.