Ново скандалозно однесување на вработен во тетовската болница. По тик-токерот анестезиолог, сега хирург се сомничи за злоупотреба на податоците на пациенти за остварување финансиска корист.

Во Обвинителство сѐ уште не стигнала кривичната пријава од МВР против хирург од здравствената установа кој се сомничи дека без дозвола користел податоци од пациенти и креирал невистинити медициски извештаи, а во координација со уште двајца осомничени земале обесштетување од осигурителна компанија.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(51) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување исправа“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“, против А.Н.М.(41) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“, „поднесување лажни докази“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“ и против А.Љ.(29) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“.

Првопријавениот, во својство на лекар и раководител на Одделението за Трауматологија – Хирургија во Клинички центар Тетово, без согласност и знаење ги искористил личните податоци на шест пациенти и креирал медицински извештаи на име на лекари вработени во клиничкиот центар без одобрување и злоупотребувајќи ги нивните факсимили и системот мој термин, како и преку координирање и издавање на медицински извештаи со невистинита содржина.

Ваквите извештаи, во посредство на третопријавениот А.Љ. биле доставени до второпријавената А.Н.М., која во својство на адвокат противправно изготвила полномошна на пациентите на кои тие не се потпишале и заедно со друга документација ги доставила до осигурителна компанија, врз основа на што на име обештетување на нематеријална оштета биле исплатени парични средства на жиро сметките на лицата во износ од 297.000 денари

Од болницата велат дека докторот оди на работа бидејќи не добиле засега никакви насоки од надлежни институции. Ова дело се случувало пред 2 години, а биле оштетени 6 лица кои имале медицински третман во болницата. Министерот за здравство е запознаен со случајот.

Во Тетово актуелен е сега случај со злоупотреба на податоци на пациенти. Случајот сега е во обвинителството. Ние ги охрабруваме сите во правниот систем да постапат онака како што налагаат законите, а ние 24/7 им стоиме на располагање како министерство за се што им треба – вели Фатмир Меџити, министер за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.