На тешко пристапниот терен на сртот на планината Галичица, дополнително опасен и поради неексплодирани гранати од Првата и Втората светска војна, веќе десеттина дена надлежните се обидуваат да го стават под контрола пожарот што оди во две линии – на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на Општина Ресен и кај месноста Војтино на охридската страна од планината.

Надлежните служби се постојано на терен. Она што е познато за денешните активности за гаснење на пожарот е дека ќе има поддршка и од воздухоплови. Планирано е над шумскиот пат над Љубаништа да се прави пречекување на оган за да не слегува надолу, информираат од РЦУК Охрид. Оттаму додаваат дека стратегијата што се применува кај ова жариште е иста како и кај другите девет активни пожари низ Македонија – да се заштитат објектите, имотот на гражаните, па потоа се останато.

Во врска со повиците за вклучување на доброволци од РЦУК повторуваат дека тоа треба да се одвива преку ТППЕ Охрид и Штабот за заштита и спасување, согласно потребите на надлежните институции.

Иако ситуацијата е сложена поради експлозивните средства на планината, се апелира да не се создава паника кај населението и да не се шират непроверени информации.

Исто така, Црвениот крст има подготвено храна и вода во случај надлежните да повикаат доброволци, а подготвено е и возило за итна помош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.