На патниот правец Петровец – Скопје попладнево од страна на СВР Скопје е извршен претрес на патничко моторно возило, кое превезувало разна стока, увозно оцаринета на ЦИ Аеродром Скопје, поради сомневање дека во возилото се превезуваат наркотични средства, соопштија од Царинската управа.

– Контролата е извршена со асистенција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа и царинско куче. Притоа не се пронајдени наркотични средства, но констатирани се неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото. Со цел да се изврши детална контрола, возилото е пломбирано и привремено задржано заедно со стоката со вкупна тежина од 1.2 тони, се појаснува во соопштението и се додава дека за прегледот е побарана асистенција и од крим полиција.

За случајот било известено и надлежното Основно јавно обвинителство.

Откако ќе се изврши детална контрола и ќе се утврди фактичката состојба, посочуваат од Царинската управа, ќе бидат покренати соодветни постапки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.