Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против седум лица поради сомнение дека сториле кривично дело „бесправно градење“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пријава е поднесена против правно лице од Свети Николе, В.Б.(42) од Свети Николе, Д.С.(69), К.С.(40) и Ј.Т.(69), тројцата од Скопје и В.Г.(53), Д.Ј.(53) и Б.С.(65), тројцата од Свети Николе
Во текот на 2012 година, правното лице преку одговорното лице В.Б. ги поттикнал проектантите Д.С. и К.С. да постапат спротивно на Законот за градење, односно да изготват проект за градба на улица „Пионерска“ во Свети Николе спротивно на Деталниот урбанистички план и да изготват анекс на основниот проект. Ј.Т. извршил ревизија на основниот проект, постапил спротивно на Законот за градење и потврдил дека проектот е изготвен согласно Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање. Службените лица Д.Ј. и В.Г. од Секторот за урбанизам, комунални работи, сообраќај и заштита на животната средина ги пречекориле службените овластувања и издале одобрение за градење, се вели во соопштението.
Од МВР информираат дека во 2015 година поради нов ДУП, службените лица Д.Ј. и Б.С. издале Одобрение за адаптација, спротивно на Правилникот за урбанистичко планирање со што биле нарушени и одредбите за паркирање.
Со наведените дејствија, од Министерството додаваат дека пријавените овозможиле правното лице да се стекне со недвижен имот – деловен простор во површина од 101м² и еден кат од 126м² во вкупна вредност од 10.393.500 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.