Лани МВР открило 410 мигранти од Куба за периодот од јануари до октомври, а од почетокот на годината се регистрирани уште 17 Кубанци кои сакале преку нашата земја да стасат во земја членка на ЕУ, најчесто во Грција.

Последниот обид за шверц на мигранти од оваа карибска земја е откриен вчера на автопатот А1 кај наплатната рампа „Демир Капија“ во такси возило марка „дачиа логан“ со скопски регистарски таблички управувано од С.С. од Скопје. Во неговиот автомобил биле откриени тројца Кубанци, кои нелегално влегле на терититоријата на нашата држава.

На 13, овој месец двајца српски државјани превезувале девет мигранти од Куба, кои биле откриени во близина на бензинска станица кај Смоквица, при контрола на патничко возило „голф“, со српски национални ознаки. Меѓу мигрантите имало и две малолетни лица и сите заедно нелегално влегле во земјава.

На 6 јануари на патниот правец меѓу селата Прдејци и Смоквица е приведен П.Г.(48) од Богданци, кој превезувал пет лица-мигранти од таа земја.

Според МВР, Кубанците во нашата земја влегуваат од Србија и по преминувањето на нашата територија сакаат да продолжат во Грција. Поголем дел од мигрантите од Куба се економски и тие имаат намера да заминат за земјите на ЕУ.

Мигрантите од Куба не остануваат во нашата држава и најчесто нивна крајна дестинација е земја членка на ЕУ – велат од полицијата.

На некои од мигрантите полицијата им изрекува глоби и им издава решенија за протерување од земјава, додека поголем дел се пренесуваат во Прифатниот транзитен центар во Гевгелија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.