Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница привремено да му ја одземе одлучи лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши во период од седум години.

Судот на честа при Лекарската комора на Република  Македонија на денешната седница донесе одлука за привремено одземање на лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.
Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРМ како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика, велат од Лекарската комора.

Оттаму додадаваат дека докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила.

Лекарската комора како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата. Со денешната одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата, велат од Комората.

Обвинителен предлог против анестезиологот Валтон Дервиши од тетовската болница поднесе Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Тетово кој на социјалната мрежа ТикТок снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.

Тој е обвинет за кривични дела – Несовесно работење во службата како и Неовластено снимање.

Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права – велат од ОЈО.

Јавниот обвинител до Основниот суд во Тетово доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице. Инаку веќе неколку дена вработените во тетовската болница функционираат под нови правила за однесување во тетовската болница, но и на социјалните мрежи по скандалот со ТикТок анестезиологот.

Дирекоторот на тетовската болница Плуб Вела подготви правилник според кој им е посочено на сите вработени во клиниката како треба да се однесуваат.

Новиот правилник го испративме до сите раководители на одделенијата и ќе го пренесат на сите лекари, медицински сестри, медицински техничари и хигиеничари. Главната причина е да се спречат неправилните дејствија што се случија во болницата пред неколку дена, за жал, да се спречат ваквите дела и нормално да се зголеми квалитетот на услугата на пациентите. Но, една од мерките што ќе ги преземеме е воведување компанија за обезбедување со што би ја зголемиле безбедноста на пациентите и вработените како и почитувањето на работното време – вели Пелумб Вела, директор на тетовската болница.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити изјави дека според негови информации уапсениот анестезиолог од тетовската болница, кој беше приведен откако снимал и емитувал пациенти во живо на ТикТок, се појавувал на работа под дејство на наркотици. Ова однесување на анестезиологот не било испитано и санкционирано од причина што во болницата не била формирана дисциплинска комисија.

Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга – изјави денеска Меџити.

Веднаш по настанот од работа беше отпуштен тетовскиот анестезиолог за што информираше министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој изрази големо жалење што еден здравствен работник вака се однесувал и рече дека ќе направат се’ за во иднина да не ни се случи вакво нешто.

И Вела го осуди непрофесионалното однесување на медициското лице, а осуда стигна и од лекарската комора.

Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки, рекоа од Лекарската комора.

Инаку за потсетување, анестезиологот од Тетово на 14 април се појави во живо на ТикТок во утринските часови од одделението на Гинекологија во Тетово. По емитувањето на видеото на мрежата и прилогот на ТВ21, директорот на болницата го пријавил случајот во полиција, по што анестезиологот бил приведен и на предлог на обвинителот, судија на претходна постапка му определи мерка од 8-дневен притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.