Министерството за труд и социјална политика заедно со Државниот инспекторат за труд, заради објективно информирање на јавноста, го издава следното соопштение, кое ви го пренесуваме во целост, во врска со случената пријава за несреќа при работа со фатална последица што се случи на ден 17.11.2023 година на градилиште лоцирано на ул. Пиринска бр. 31, Скопје во кој животот го загуби градежниот работник Т.М.:
Државниот инспекторат за труд најнапред изразува длабоко жалење за загубата на животот на работотникот и искрено сочувство до семејството.
Нашата посветеност на транспарентноста останува приоритет особено кога станува збор за несреќи на работа кои резултираат со губење на човечки живот и ја нагласува важноста за обезбедување на највисоки стандарди за безбедност и здравје при работа во сите градежни активности.
Државниот инспекторат за труд спроведе сеопфатна инспекциска постапка за утврдување на околностите кои ја предизвикале несреќата при што примарна цел беше да се оцени почитувањето на законските и подзаконските прописи од областа на безбедност и здравје при работа во рамките на градилиштето при изведувањето на градежните активности од страна на правните субјекти.
Имено на ден 17.11.2023 година околу 16:15 часот по добиена телефонска дојава од страна на градежен инспектор од Општина Центар за случена несреќа на работа на мобилно градилиште на ул.„Пиринска“ бр.31 во Скопје, на самото место увид извршија инспектори од областа на безбедност и здравје при работа при што од нивна страна беше утврдено дека вработениот извршувал работни активности за правен субјект кој изведува градежни работи на градилиштето – ископ на јама. Изведувачот на градежните работи имал склучено договор за изведување на градежни работи со инвеститорот на објектот .
Вработениот Т.М. бил ангажиран од страна на изведувачот на работно место багерист согласно законските одредби со склучен Договор за вработување на неопределено работно време и пријавен во задолжителното социјално осигурување.
Несреќата на работа со фатални последици се случила кога вработениот вршел ископ на последните кубици чакал од ивицата на темелната (градежната) јама при што земјиштето под него почнало да се обрушува, а вработениот Т.М. заедно со багерот паднал во темелната јама. При падот багерот се превртел, а работникот останал приклештен во кабината на багерот и се здобил со тешки повреди кои за кратко време по извлекувањето предизвикале смрт кај работникот.
Од страна на инспекторите веднаш е дадена забрана за работа на мобилното градилиште за сите правни субјекти инвеститор, изведувач и надзор поради постоење непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените заради необезбедени мерки за безбедност и здравје на вработените на самото градилиште.
По изречената инспекциска мерка – забрана државните инспектори за труд континуирано вршеа контрола дали истата се почитува се додека не беа создадени безбедни услови за работниците во понатамошни дејствија на градилиштето.
Државните инспектори за труд по извршените вонредни инспекциски надзори утврдија дека кај три правни субјекти не се превземени соодветни мерки во согласност со прописите од областа на безбедност и здравје при работа што резултирало со тешка повреда со смртни последици на работникот, поради што ке бидат поднесени кривични пријави за сите правни субјекти заради предизвикување на опасност при градежни работи согласно член 289 од Кривичниот законик („Сл.весник на РМ’ ’бр.37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/04, 81/05, 60/06, 73/06, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11,135/11,185/11,142/12,166/12,55/13,82/13,14/14,27/14, 28/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15,97/17 и 188/23) до надлежното Основно јавно обвинителство за понатамошно постапување.
Државниот инспекторат за труд продолжува со вршење мна континуирани инспекциски надзори на градежните објекти а со цел да се обезбеди доследна примена на одредбите од Заклнот за безбедност и здравје при работа и безбедна работна средина за сите работници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.