Основниот кривичен суд Скопје од утре ќе одлучува за жалбата на јавното обвинителство во врска со одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ.
Како што информираа оттаму, жалбите се доставени до странките, рокот за одговор е до утре и откако ќе истече, Советот ќе заседава.
Жалбата следува откако Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решенија со кои на четири лица осомничени за „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ во врска со нападот во М-НАВ, наместо мерката притвор побарано од Обвинителството, им определи мерки за претпазливост.
За инцидентот на 4 јануари, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Нападот се случи по прес-конференцијата на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.
Во врска со ова денеска се огласи и Судскиот совет од каде соопштија дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, а Судскиот совет во рамки на своите законски надлежности ја следи работата на судовите.
Во меѓувреме, Управата за финансиска полиција денеска е на увид во М-НАВ, каде што, како што потврдија за МИА, вршат контрола и увид во работењето на М-НАВ врз основа на направениот извештај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.