Полициски службеници вчера лишиле од слобода две лица од Општина Дојран, откако кај нивните домови се пронајдени и одземени повеќе предмети кои потекнуваат од тешки кражби.

Вчера во 06:30 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија ги лишиле од слобода Р.Б.(27) од село Николиќ, општина Дојран и С.С.(31) од Нов Дојран. При претрес во нивните домови, извршени со судска наредба, биле пронајдени и одземени повеќе предмети кои потекнуваат од тешки кражби и кражби извршени во туристички капацитети и викенд куќи на подрачјето на Нов и Стар Дојран, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР информираат дека лицата биле задржани во Полициската станица Гевгелија и за случајот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.

Против Р.Б. е поднесена кривична пријава поради сомнение дека сторил седум кривични дела „тешка кражба“ и две кривични дела „кражба“, од кои пет биле извршени во 2023 година, а останатите во 2021 и 2022 година. Лицето било изведено пред Судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор, се наведува во соопштението на МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.