По зголемениот број пријави од граѓани за гласна музика од угостителските објекти во ноќните часови, особено во летниот период, Секторот за Инспекциски работи на Општина Центар во периодот од мај до септември спроведе акции за мерење на бучавата од гласна музика.

Акциите се спроведени на различни локации на територија на општината, во ноќните часови, после 23 часот. Акциите се спроведени на локации во Капиштец, Дебар маало, Буњаковец, улица Македонија и Кеј 13 Ноември, при што се поминати повеќе локали и опоменати се да ги почитуваат граничните вредности за бучава во животната средина.

Мерењата се извршени од овластена лабораторија за животна средина и мерење на ниво на бучава, со која општината има склучен договор. Согласно извештаите од мерењата на бучава предизвикана од гласна музика, измерените вредности во сите случаи ги надминуваат дозволените гранични вредности, согласно „Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животна средина“.

За сите локали се започнати инспекциски постапки, согласно Законот за бучава во животна средина, при што правните лица се задолжени со Решенија да преземат мерки во одреден рок, за намалување на бучавата. При контролните мерења, повторно се констатирани надминувања на граничните вредности, за што локалите: Мош, Мечос, Локал 45 и Интермецо се казнети со платен налог за наплата на глоба во висина од 360.000 до 800.000 денари, во зависност од тежината на сторениот прекршок. Доколку правните лица не ја платат глобата, се поведува постапка во Основен суд.

Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.