Трагедиите со кои се соочува српското општество се аларм и за нас како орган на кривичниот прогон и не принудуваат како институции да се мобилизираме за што поефикасна контрола на оружјето и во нашата земја, смета јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој денеска упати порака до јавните обвинители да делуваат за зајакнување на казнената политика за недозволено држење оружје и муниција.

Барам од сите јавни обвинители во државава, при постапувањето, да инсистираат на построги кривични санкции за кривичното дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Заострувањето на казнената политика мора да се одразува во постапувањето најпрвин на основните јавни обвинителства, кои треба да внимаваат висината на санкцијата за вакви кривични дела да се движи во рамките на законски определниот распон без можност за алтернативна мерка. Покрај ова, вишите јавни обвинителства, во случаите на определена блага санкција со првостепените пресуди, мора да се обидуваат преку постапките во втор степен да издејствуваат повисоки казни, стои во пораката на Јовески до јавните обвинители.

Ако се имаат предвид огромните штетни последици коишто можат да бидат предизвикани од недозволеното држење на оружје, вели Јовески, за сторителите на ваквите кривични дела не треба да има ублажување на санкциите.

Оружјето е средство за извршување и на многу други кривични дела и неговата употреба надвор од законските рамки не смее да се толерира, порачува Јовески.

Трендот на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела, како што посочува, се забележуваме и во постапувањето во нашата земја. Тоа, како што вели, е нешто што загрижува и за што во најскоро време треба да бидат преземени конкретни превентивни активности од сите надлежни институции.

Јовески изрази подготвеност Јавното обвинителство активно да се вклучи со свој придонес во секоја евентуално иницирана јавна расправа со цел измена на законските одредби во таа насока.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.