Три случаи на семејно насилство се регистрирани во Тетовско само во текот на вчерашниот ден. И во трите случаи се работи за нападната жена од страна на партнерот.

Прво во 17.30 часот, полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода А.Ф.(37) од гостиварско село, кој во 17.00 часот бил пријавен од неговата 26-годишна сопруга дека физички ја нападнал и ја затворил во соба во семејната куќа. Тој е задржан во полициска станица и против него ќе следува соодветен поднесок.

Во 22.40 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Е.И.(33) од Куманово, постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувал, се заканувал со остар предмет и се обидел физички да ја нападне неговата невенчана сопруга во домот на нејзини роднини каде што била на гости.

Како што соопштуваат од тетовската полиција, и тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка и против него ќе следува соодветен поднесок.

Во 22.50 часот во ОВР Гостивар, 41-годишна жителка на гостиварско село пријавила дека околу 20.00 часот во семејниот дом, нејзиниот сопруг Б.Б. физички ја нападнал неа и нејзиниот татко.

По целосно расчистување и документирање на случајот, против Б.Б. ќе следува соодветна пријава, велат од СВР Тетово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.