Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 22-годишна жителка на Богданци која во периодот од 15 јули до 29 септември годинава измамила седум лица во Скопје, со намера за себе да прибави противправна имотна корист.

Кривичното дело – Измама согласно член 247 од Кривичниот законик обвинетата го сторила со лажно прикажување на факти дека ќе им изнајми сопствен стан во Скопје на оштетените и со тоа ги навела однапред да и исплатат во готово одреден паричен износ.

По претходно објавени огласи за изнајмување станови преку социјалната мрежа Фејсбук, секој од оштетените телефонски ja контактирал обвинетата и таа лажно им прикажала дека ќе им изнајми стан, барајќи да и исплатат пари како аванс пред да се вселат. По уплатата, на секој од оштетените им давала на рака клучеви како да се од изнајмените станови на различни локации во Скопје. Меѓутоа, клучевите не одговарале на становите што наводно им ги изнајмувала и во нив живееле други луѓе. На овој начин обвинетата од оштетените прибавила пари во вкупен износ од 74.200 денари, објаснува ОЈО.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетата, која и беше определена поради опасност од бегство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.