Министерството за внатрешни работи нема добиено пријава за наводите што беа објавени во грчки медиуми дека во казино во Дојран се издаваат лажни ковид сертификати.

Досега МВР нема добиено пријава за ова, но ќе бидат извршени проверки во врска со наведеното, се наведува во одговорот од МВР.

Грчки медиуми, повикувајќи се на прилог на грчката телевизија „Опен“, јавија дека во казино во близина на македонско-грчката граница кај Дојран се издавале лажни ковид сертификати.

Во прилогот на телевизијата се тврди дека извесно казино во близина на граничниот премин Дојран-Дојрани на македонска територија им обезбедува бесплатен лажен негативен тест на своите посетители со кој тие можат безбедно да се вратат во Грција.

Целта на сопственикот на казиното, како што тврди телевизија Опен, била да привлече што поголем број клиенти овозможувајќи им олеснето поминување на граничните контроли.

Лажните сертификати за брз тест, според видео-сторијата, се документи од овластен дијагностички центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.