Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги – националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера поднесе кривична пријава против Н.Р.(52) селото Леуново во Општина Маврово и Ростуше, со престој во Добри Дол, гостиварско, за сторено кривично дело „трговија со луѓе“.

Како што соопштија од МВР, пријавениот, во периодот од средината на март минатата година, па сè до 20 март оваа година во угостителски објект на подрачје на Гостивар со кој управувал, подолг временски период со употреба на сила и закана, како и со злоупотреба на својата положба, подведувал на вршење проституција повеќе женски лица, наши и државјанки на Русија, Украина, Србија, за одреден паричен надоместок.

Тие биле и трудово експлоатирани, со што стекнал за себе противправна материјална корист. Експлоатацијата по пат на проституција се вршела во самиот угостителски објект на подрачјето на Гостивар, како и на други локации и објекти во Гостивар и Тетово.

Исто така, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, врз основа на судска наредба издадена од Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси на угостителскиот објект и претрес во деловни простории кои ги користи угостителскиот објект на подрачје на Гостивар во село Добри Дол.

На 20 и 21 март оваа година, при претрес, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, Регионален центар за гранични работи Север и СВР Тетово беше затекнато пријавеното лице, три странски државјанки од Србија и една наша државјанка, како и шест лица гости во објектот. Н.Р. е лишен од слобода и изведен пред Судија на претходна постапка, при што му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, се наведува во соопштението на МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.