Жан Железарски, еден од осудените за случајот „Детонатор“ во септември минатата година беше уапсен во Косово, а во петокот бил ектрадиран во затворот во „Скопје“, во Шуто Оризари, пишува „Досие“. За овој бегалец беше распишана меѓународна потерница откако избега во 2019 година и не се врати во затвор по добиено отсуство.

Според потерницата што беше објавена на сајтот на МВР, Железарски се бараше со наредба ПК бр.2/18 издадена од Основен суд Кочани за сторени кривични дела по чл.394 ,чл.386 и чл.123 вв со чл.19 од КЗ на РСМ за издржување на казна затвор од 14 години.

Во 2013 година, во Кривичниот суд, 15-те обвинети во „Детонатор“ беа осудени од една година и три месеци до доживотен затвор. Нив им се судеше за: злосторничко здружување, обид за убиство, измама, лихварство, недозволено држење на оружје, непријавување и подготвување на кривично дело. Од нив, според обвинителството, шестмина се организатори, а останатите се припадници на злосторничка група која што правела криминал во источна Македонија, од Кочани до Виница. Апелациониот суд Скопје делумно ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1, единствено преиначувајќи ја во делот за казните за обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Далибор Алексовски и Симеон Михаилов. Со одлуката Апелациониот суд, всушност на овие обвинети им беа намалени казните за 6 месеци.

Полициска акција „Детонатор“ што се одвиваше во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и казни затвор за 14 лица. Железарски доби плус уште две години затвор од изречената казна, затоа што на денот на изречување на пресудата ѝ се закани на судијката дека ќе ја исече на парчиња веднаш штом ќе излезе од затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.