Едно лице е повредено во пожарот кој синоќа изби во тетовската населба Колтук, каде изгореа две куќи. Повредениот е префрлен во Клиничката болница во Тетово. Според првичните информации спречено е ширење на огнот во околните куќи, но има голема материјална штета.

„Во СВР Тетово во 19.20 часот е пријавен пожар во куќа сопственост на И. С. (50). Огнот се проширил и на соседната куќа во која никој не живеел. И. С. добил изгореници по што е пренесен во Клиничката болница во Тетово каде му е укажана лекарска помош“, велат од тетовската полиција.

Пожарот предизвикал голема вознемиреност во населбата Колтук, во која сите куќи се споени една до друга и постоела голема опасност пожарот да го зафати целото маало.

„Пламенот беше висок над 15 метри. Со соседите се обидовме да помогнеме со црева и вода од домашните цистерни, бидејќи во овој дел од градот имаме постојани проблеми со водата. За среќа, пожарникарите дојдоа навреме, бидејќи лесно можеше од пожарот да биде зафатена уште некоја куќа. Експлозија немаше туку пукаа електричните кабли кои правеа спој, поради што маалата Колтук и соседните Два Бреста и Горна Чаршија немаат струја“, вели Ивица Ѓорѓески, жител на Колтук.

Пожарот избил во куќа на улицата Вукашин Симовски која се наоѓа во највисокиот реон на Тетово. Од тетовската територијална противпожарна единица велат дека во гасењето на пожарот биле испратени четири возила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.