Пожарот во Прилепско се уште е активен, а утринава има нов пожар во кривопаланечкото село Кркља, соопшти Центарот за управување со кризи.

Оттаму информираат дека во гаснењето на пожарот во кривопаланечкото село од кога е пријавен пожарот интервенирале тројца пожарникари со едно противпожарно возило, а од 8 часот упатена е уште една екипа со четири лица со теренско возило од „Осогово“, подружница на „Национални шуми“.

Активен останува и пожарот во прилепско каде гори сува трева и нискостеблеста деградирана шума. Таму вчера заради брзото ширење на пожарот беа активирани и три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување кои направија по два прелета.

Во последното деноноќие, според информациите од ЦУК, имало пријави за вкупно 23 пожари на отворен простор, вклучувајќи го и пожарот во кривопаланечко.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.