Дождот што пред малку заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовско и околината, соопштија денеска доцна попладне од Центарот за управување со кризи.
Преку целиот ден големиот пожар во Мариово не покажуваше знаци на намалување, а огнената стихија зафати околу 16.000 хектари, додека периметарот на огнената линија изнесуваше 110 километри.
Според прилепскиот кризен штаб, на теренот се преку 200 професионалци, а дејствува само еден „Ер трактор“, поради технички проблеми на вториот. Началникот на прилепскиот кризен штаб, Борче Јовчески, посочи дека будно се чуваат населените места, и силите главно се концентрирани на четири до пет критични локации.
Во моментов професионалците се лоцирани четири до пет места каде пожарот е најактивен: во близината на селата Крушевица, Бонче и кон Штавица, каде се 50 припадници на АРМ и други професионалци кои ја дополнуваат таа група. Потоа кај селата Вепрчани и Дуње, каде се уште 50 припадници на АРМ. Со механизирани возила помагаат и од блиските рудници. Други ризични места каде има професионалци се: пожарот се заканува преку Волково да слезе кон селото Селце каде и манастирот „Свети Димитрија“ и како приоритетно место можеби таму ќе дејствува и „Ер тракторот“, но на лице место има доволен број професионалци, изјави Јовчески.
Додаде дека од денеска е активен и пожарот на потегот на Дрен и Смолани.
Најмногу е опфатена нискостеблеста трева, растенија и деградирана шума и немаме во големи размери опфатено на квалитетен шумски појас.
Републичкиот кризен штаб за заштита и спасување донесе одлука командувањето и управувањето со оваа криза да ја врши Дирекцијата за заштита и спасување, но прилепскиот кризен штаб останува активен да ја следи и организира ситуацијата на теренот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.