Двајца се уапсени, а се трага по трето лице осомничено за убиството кое утринава се случи во казино во центарот на Скопје, дознава „Телма“.

Како што утрово соопшти МВР, околу 8 часот утрово е пријавено дека Н.А. (46) од с.Арачиново е застрелан во казино лоцирано на булевар „М.Т.Гологанов“ од страна на лице со кого претходно играле на апаратите во казиното, по што Н.А. им подлегнал на повредите.

Од скопското Основното јавно обвинителство соопштија дека дежурен јавен обвинител изврши увид во казиното во Капиштец. Според првичните сознанија, починатиот маж на возраст од 46 години, во казиното пристигнал заедно со уште три лица, во видно алкохолизирана состојба.

Извесно време играле на апаратите, а потоа жртвата започнал да се расправа и да се турка со едно од лицата со кои бил заедно во казиното. Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во оштетениот. Потоа со кундакот од пиштолот го удрил повеќе пати во пределот на главата. Жртвата им подлегнала на повредите на самото место. Се трага по лицето за кое постои сомнение дека го извршило убиството, соопштуваат од ЈО.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.

Ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од самото место и ќе се разговара со сведоци на настанот. Обезбедени се снимки од видеонадзорот на објектот, известуваат од ЈО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.